Менаџерската и лидерска школа за инженери започнува со уписи за втора генерација

24

mls-logo-out-01

Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика – ИЕГЕ започнува со уписите на втора генерација на Менаџерската и лидерска школа за инженери, стои во соопштението.

Школата претставува специјализација во делот на неформално знаење и се однесува на професионален развој за менаџмент во инженерството и лидерски вештини и е специјално креирана согласно потребите што ги имаат денешните инженери кои сакаат своето постојно искуство да го надградат со фокусирано знаење кое има значајно влијание во нивната идна менаџерска и лидерска кариера.

Програмата се состои од девет предмети, кои се поделени на две нивоа, индивидуално и организациско и се однесуваат на личен и професионален развој. Се користи интегриран пристап со најновите наставни методи на учење кои ќе обезбедат стратешко разбирање на можностите и предностите за долгорочен успех во бизнисот. Секој модул претставува комбинирано учење,  комбинација на е-учење и учење во училница, со учење насочено кон кандидатот.

Програмата е развиена врз основа на принципите на образованието на возрасни со користење на методи и техники што помагаат за развој на нови знаења и вештини. Модулите ќе бидат водени од експерти во своите области и докажани предавачи од Македонија, Австрија, Полска, Германија, Србија.

Менаџерската и лидерска школа за инженери е акредитирана во Центарот за образование за возрасни при Министерството за образование и наука, што подразбира дека сите кандидати по успешно завршување на школата ќе се стекнат со диплома признаена на национално, но и интернационално ниво.

Школата трае девет месеци, почнувајќи од септември 2017 до мај 2018 година.

Уписите ќе траат до 15-ти јули 2017 година.