МЕПСО ќе набави нова примарна високонапонска опрема

18

mepso

МЕПСО склучи договор за набавка на нова примарна високонапонска опрема за потребите на трансформаторски станици од преносната мрежа.

Ова е прва набавка, којашто е дел од проектот за ревитализација и за модернизација на преносната мрежа што МЕПСО го реализира во кредитен аранжман со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Најповолен понудувач на меѓународниот тендер е конзорциумот на компаниите: Елнос од Србија и Кончар – мерни трансформатори од Хрватска. По тој повод, договорот за набавка во Скопје го склучија Ацо Ристески, член на Управниот одбор и директор на подружницата Оператор на преносна мрежа во МЕПСО, Жарко Рончевиќ, директор за продажба во Елнос и Анте Рогозина, претседател на Управниот одбор на Кончар – мерни трансформатори. Вредноста на договорот е 1,87 милиони евра.

Со овој договор се врши набавка на прекинувачи, раставувачи, мерни трансформатори и одводници за пренапони кои ќе бидат инсталирани во 400 kV и 110 kV преносна мрежа на АД МЕПСО.

Ова е прва од низата компоненти од проектот за ревитализација и за модернизација на преносната мрежа што опфаќа: реконструкција на далеководи, набавка и имплементацијата на опремата и софтверските апликации за видео надзор над електоренергетските објекти, набавка и инсталација на системи за напојување, заштита и управување како и замена на старо земјоводно јаже со ново OPWG јаже со интегрирани оптички влакна за пренос на податоци.