МЕПСО пушти во употреба нова трафостаница во Петровец

51

Македонскиот електропреносен систем-оператор АД МЕПСО вчера стави под напон 110 киловолтна разводна постројка преку која постоечката трансформаторска станица Петровец директно се поврза на националниот електроенергетски систем со кој управува ова акционерско друштво.
Со оваа инвестиција, во која се вложени над еден милион евра, значително ќе се подобри доверливоста на електроенергетскиот систем, напонските прилики и снабдувањето со електрична енергија во четири општини во овој дел на скопскиот регион.
Во изминатиот период преку АД МЕПСО се инвестирани околу еден милион евра, со што за период од шест месеци се изгради потребната инфраструктура со која трафостаницата Петровец се приклучи на преносната електро-енергетска мрежа со која управува МЕПСО. Тоа значи стабилно снабдување со електрична енергија и конечно надминување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните.

Во изминатите неколку години во делот на инвестиции во електроенергетската мрежа беа спроведени поголем број проекти, а воедно оваа и наредните години треба да се реализираат повеќе проекти чија вредност изнесува преку 65 милиони евра.

Станува збор за изградба на 400 киловолтниот далновод меѓу Македонија и Србија, реконструкција на 110 киловолтниот далновод Скопје – Тетово во должина од 52 километри, изградба на 110 киловолтниот далновод од трафостаницата Битола 3 до трафостаницата Битола 4, изградба на 110 киловолтниот далновод од хидроцентрала Вруток до трафостаница Полог и трафостаница Тетово, како и доопремување и осовременување на четири трафостаници во мрежата на АД МЕПСО.

Во рамки на овие проекти спаѓаат и реконструкцијата на 110 киловолтниот далновод Скопје – Куманово, набавка на нов систем Систем за надзор, управување, прибирање и преземање на податоци за електроенергетскиот систем на Република Македонија, изграба на 400 киловолтен далновод меѓу Македонија и Албанија на трасата Битола – Елбасан во должина од 95 километри.
Директорот на АД МЕПСО Синиша Спасов истакна дека во изминатите шест месеци максимално посветено се работеше на подигање и изградба на енергетската инфраструктура со која трансформаторската станица во Петровец беше приклучена преносната мрежа.

Спасов потенцира дека за жителите на Петровец ова значи стабилизирање на напонските прилики, доверливо снабдување со електрична енергија и просперитет и создавање услови за економски раст и развој.
“За инвеститорите во деловната зона Ќојлија ова значи отворена покана за добра зделка”, рече директорот на МЕПСО.
Инвестиција во опрема за потребите на разводната постројка е над 455.000 евра и таа е набавена од светски реномираниот производител Сименс од Германија, како дел од заеднички проект за изградба на 110/35/10 киловолтна трансформациска станица Петровец. Околу 445.000 евра се инвестирани во изградба на разводна постројка и приклучок на преносната мрежа.