МЕПСО распиша тендер за ревитализација на четири нови далекуводи

18

mepso1МЕПСО распиша тендер за изградба на четири нови 110 киловолтни далекуводи, процес во којшто треба да се добијат над 100 километри нова преносна мрежа. Цената за четирите нови далекуводи изнесува околу 14 милиони евра.

Тендерот е отворен до средината на април годинава. Станува збор за далекуводи што ќе се градат на постоечки траси што ги поврзуваат трансформаторските станици: Битола 1 – Прилеп, Скопје 4 – Велес, Штип – Овче Поле и Велес – Овче Поле, јавува МИА. Заедничко за овие далекуводи коишто ќе се заменуваат со нови е тоа што се постари од 50 години и се поставени на бетонско-армирани столбови. Новите далекуводи ќе бидат поставени на челично-решеткасти столбови со нови проводници, овесна и спојна опрема и ќе бидат со поголема пропусна моќ, а новата опрема ќе ги сведе на минимум ризиците од испади. Планирано е градбата на овие далекуводи да заврши во целост до крај на 2020 година.

Покрај тендерот за четири нови далекуводи, во рамки на овој инвестициски циклус на почетокот на овој месец МЕПСО распиша уште два меѓународни тендера. Едниот е за ревитализација на четири трафостаници: Битола 2, Валандово, Осломеј и Скопје 4 сопроценета вредност од околу осум милиони евра. Другиот е за избор на изведувач за набавка и инсталација на нови системи за релејна заштита за потребите во трансформаторските станици на хидроцентралите Глобочица, Шпиље, Вруток и Тиквеш.