МЕПСО стана основач на SEE CAO – координирана аукциска куќа на ЈИЕ

22

mepso

МЕПСО стана основач на SEE CAO регионална компанија што организира аукции за закуп на прекуграничните капацитети за пренос на електрична енергија.

SEE CAO е регионална аукциска куќа основана од осум електропреносни систем – оператори со цел да се олесни прекуграничната трговија со електрична енергија, така што од еден центар ќе се организираат аукции за закуп на далекуводни капацитети потребни за прекуграничен пренос на електрична енергија.

МЕПСО склучи договор и стана основач и содружник во SEE CAO (Координирана аукциска куќа на Југоисточна Европа) – регионална компанија која организира аукции за закуп на прекугранични расположливи далекуводни капацитети наменети за пренос на електрична енергија. Со пристапувањето на МЕПСО во SEE CAO дополнително се прави чекор напред со којшто ќе се олесни процесот на прекугранична трговија со електрична енергија на регионално ниво. SEE CAO е создадена со цел од еден центар, во име на осум компании систем – оператори во регионот, да организира аукции за закуп на капацитети со што ќе се олесни регионалната трговија на електрична енергија, а се очекува и намалување на трошоците на учесниците на регионалниот пазар на електрична енергија.

Со пристапувањето на МЕПСО кон SEE CAO се реализира една од обврските преземени со ратификувањето на Договорот за основање на европската енергетска заедница.

Договорот во име на МЕПСО го склучија Синиша Спасов, генерален директор на МЕПСО и Ненад Јовановски, заменик – генерален директор на МЕПСО, кој ќе биде член на Управниот одбор на SEE CAO.

Со потпишување на договорот започнува подготвителен процес во којшто треба да се уредат сите правни и технички аспекти за прилагодување на новиот начин на организирање на аукциите. Првата македонска граница на која SEE CAO ќе започне да организира аукции е македонско – грчката граница и се очекува тоа да започне од почетокот на идната година. SEE CAO ќе спроведува годишни, месечни и дневни акции на расположливи преносни капацитети на македонско – грчката граница.

SEE CAO е компанија со седиште во Подгорица , Црна Гора, а нејзини основачи се електропреносните систем – оператори на: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Турција и на Македонија.