Новите 400 kv интерконекции Штип-Ниш и Битола–Елбасан, новата 410/110 трансформаторска станица кај Охрид, инвестициски проекти на Македонскиот електропреносен оператор МЕПСО вредни над 50 милиони евра, се дел од десетгодишниот план за развој на преносната мрежа на европскиот континент TYNDP 2012 одобрен од Европската асоцијација на преносни систем оператори (EHTCO-Е).
Проектите на компанијата се дел од европскиот план TYNDP 2012 во чии рамки се опфатени повеќе од 100 проекти, вредни 104 милијарди евра наменети за ревитализација, надградба, модернизација или изградба на 51.550 километри далекуводи ширум европскиот континет.
Ова беше презентирано од страна на експерти од МЕПСО на денешната конференција за предизвиците на преносната мрежа во Југоисточна Европа, во организација на Здружението на енергетичари на Македонија (ЗЕМАК).
“МEПСО е рамноправен член на европското семејство на преносни систем-оператори. Вложуваме во регионално важни проекти: 400 киловолтните далекуводи Штип-Ниш, Битола – Елбасан и во нова 400/110 киловолтна трансформаторска станица во близина на Охрид. Ќе градиме 165 километри далноводи и нова трансформаторска станица инвестиции со вредност поголема од 50 милиони евра. Паралелно работиме и на проекти од национален интерес од кои позначајни се ревитализација и надградба на десетина трансформаторски станици, набавка на нов СКАДА систем и набавка на нов енергетски 400/110 киловолтен трансформатор“, истакна Синиша Спасов, генералниот директор на компанијата.
Покрај вложување во проектите од регионално значање, според него, МЕПСО вложува и во реконструкција и ревитализација на постоечката мрежа.
“Тука пред се се проектите за реконструкција на повеќе од 50 години старите далекуводи во централниот дел на Македонија и набавката на нов енергетски трансформатор 400/110 кв и на нов контролно управувачки скада систем чијашто вредност е приближно 4 милиони евра”, додаде Спасов.
Изградбата на далекуводите со кои Макеоднија ќе се поврзе со Србија и со Албанија, новата трафостаница во Охрид и ревитализацијата на преносната мрежа во источна, во централна Македонија и во Полог, се дел од 18 приоритетни проекти на МЕПСО кои произлегоа од Студијата за развој на преносната мрежа во периодот 2010-2020 година. Експерти на МЕПСО ја изработија студијата во соработка со надворешни консултанти и експерти за планирање, надградба и развој на преносни мрежи.
Студијата е инвестициско-оперативен план со конкретни рокови и суми, изработен за да се задоволат сите потреби за пренос на потрошувачите и на производителите на електрична енергија до 2020 година. Изработени се различни сценарија за развој на условите и потребите во елекроенергетскиот систем во земјава.
Сценаријата вклучуваат различни услови за развој и предвидуваат различни предизвици со кои ќе треба да се соочи МЕПСО за да ја гради и да го зголемува капацитетот на преносната мрежа. Сите сценарија во својата основа го имаат растот на потрошувачката на електрична енергија парарелно со создавање услови за приклучоци на нови капацитети за производство на електрична енергија.