Mercedes целосно го откри футуристичкиот ентериер на EQS

129

Иднината на Mercedes-Benz возилата наскоро ќе биде претставена и ќе пристигне со целосно новиот EQS, луксузниот електричен седан на германската компанија.

Mercedes EQS не е првиот EQ модел на германскиот производител кој ќе биде претставен, но сепак новиот електричен “знаменосец“ ќе биде првиот модел којшто ќе биде поставен на модуларната архитектура на компанијата за луксузни електрични возила. Поради тоа, дизајнерите на Mercedes добија дозвола да креираат целосно нов ентериер, целосно поинаков од оној на EQS Concept, а веќе е познато дека моделот ќе го добие футуристичкиот Hyperscreen екран којшто се протега низ целата контролна табла во кабината.

Германската компанија се уште ги чува во тајност деталите за престојниот EQS, но во меѓувреме со своите официјални фотографии ја претстави спектакуларната кабина, а токму MBUX Hyperscreen инфозабавниот екран го украде целото внимание. Купувачите ќе бираат меѓу две опции кога станува збор за контролата табла, а најимпресивната е опционалниот Hyperscreen, масивен 56-инчен закривен екран кој се протега од едната до другата врата и во него се интегрирани три екрани кои се поставени под единечно стакло. Возачкиот екран има димензии од 12,3 инчи, OLED централниот екран се протега на површина од 17,7 инчи, а екранот за совозачот е со големина од 12,3 инчи и сите тие се претставени во една визуелна единица.

Постојат вкупно 12 придвижувачи поставени под површината чувствителна на допир на MBUX Hyperscreen со што се нуди интуитивна операција на допир со хаптички „фидбек“. Доколку со прстот допрете одредена точка на екраните, тие испраќаат вибрација, а кога не се користи Hyperscreen може да прикажува различни позадини кои работат во комбинација со амбиенталното осветлување во кабината.

Две опции за ентериерот

Доколку сакате поконвенционална опција во случај Hyperscreen да е прескап за вашите потреби (се уште не е откриена цената), тогаш тука е поконвенционалната опција, која е слична на она што се нуди во новата S Класа, но во секој случај најновиот MBUX софтвер со дигитален асистент ќе биде присутен во автомобилот, а истиот е поддржан од вештачка интелигенција која може да управува со речиси сите контроли во автомобилот.

EQS доаѓа опремен со камери за препознавање на ликот вградени во екранот кој се наоѓа пред возачот, кои се користат за секаков вид на асистенции и функции за удобност. Ова вклучува и биометриско идентификување, предупредување за замор, подесување на ретровизорите според поставеноста на седењето и друго, а возачот ќе добие и скенер за отпечаток на прст за идентификација на возачот.

Неверојатно напредни технологии

Новата електрична лимузина ќе пристигне опремена со Burmester сараунд звучен систем со 15 звучници кои ќе репродуцираат возачки звук во кабината. Исто така автомобилот добива и специјална Power Nap програма која ќе се користи за време на паузи и има три фази – заспивање, спиење и будење, а истата функционира со подесување на аголот на седиштата, активација на јонизација на свеж воздух и подесување на амбиенталното осветлување, како и прикажување на ѕвездено небо на централниот екран, емитување смирувачки звуци, суптилна масажа и вентилација на седиштата, зависно од тоа кој режим ќе се избере.

Mercedes EQS ќе пристигне во неколку варијанти, а најмоќната ќе има батерија од 108 kWh, со што ќе се добие автономија на движење од 700 километри според WLTP циклусот. Исто така ќе има и Plug & Charge способност, со што EQS ќе може да комуницира со станиците преку кабелот за полнење.

Преземено од: Avtoplus.mk