Mercedes стартува нов сегмент и става крај на неуспешните класи

48

Mercedes-Benz планира да воведе сосема нов сегмент наречен SUL и притоа да ги згасне оние класи кои немаат продажен успех во последно време.

Германски Handelsblatt пренесува дека Daimler, односно Mercedes, во моментов сериозно планира да ги спои двете најпознати каросериски конфигурации креирајќи сосема нова класа составена од микс на SUV и седан, која би се нарекла SUL (Sport Utility Limousine).

Првиот претставник на SUL сегментот би се разликувал од класичната лимузина, најпрво по висината, а потоа и по ширината, но и по капацитетот на багажникот. Оваа хибридна каросериска конфигурација би се разликувала од класичниот кросовер и по линијата на покривот. Со вака склопен стил на каросерија, Mercedes сака да ја оживее побарувачката во сегментот на автомобили од средна големина, како и на оние од повисоката класа, со што би се направил своевиден пресврт во тенденциите кои се појавуваат на голем број пазари.

Инаку, ова не е ништо ново за Mercedes, со оглед на тоа дека пред две години на Салонот во Пекинг го претстави Mercedes-Maybach Vision Ultimate Luxury Concept кој беше своевидна мешавина на кросовер и седан, па овој рецепт, со мали промени, ќе се примени при производството на SUL автомобили.

Според Handelsblatt, првиот SUL автомобил кој ќе се појави во јавноста ќе биде верзија на седан A-Класа, а се очекува да пристигне во 2025 година. Моделот ќе биде понуден во електрична и во варијанта со конвенционален мотор. По ова, SUL филозофијата би се применувала и низ остатокот од гамата, по што следна „жртва“ ќе биде Е-Класа.

Покрај ова, Daimler има намера да се откаже од моделите кои имаа слаби продажни резултати, па така ќе се стави крај на производството на споменатиот седан од А-Класа, а истото го очекува и Б-Класа, како и CLA Shootingbrake. Укинувањето ќе се одвива на среден рок и постепено.

Преземено од Avtoplus.mk