Мерките за поддршка, структурни реформи и здрав банкарски систем се клучни за намалување на ризиците за корпоративниот сектор во услови на пандемија

12

Мерките преземени од носителите на политиките, вклучително и централните банки  во текот на пандемијата значително ја поддржаа ликвидноста на корпоративниот сектор, со што беа ограничени ризиците од несолвентност. Во следниот период важно е да се преземаат целни мерки, коишто ќе им обезбедат поддршка на здравите и одржливи компании, што заедно со продолжувањето на структурните реформи, ќе овозможи побрзо закрепнување од пандемиската криза, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на годишното предавање на Здружениот виенски институт (Joint Vienna Institute – JVI).

Станува збор за настан од исклучително значење, на кој учествуваше и гувернерот на Централната банка на Австрија, Роберт Холцман, како и директори во Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд. Темата на дискусијата беше несолвентноста во корпоративниот сектор во контекст на корона-кризата, со посебно внимание на земјите од Западен Балкан.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека кризата предизвикана од пандемијата се одрази негативно врз работењето на корпоративниот сектор, но со различен интензитет во зависност од структурата на економиите, претпандемиската состојба и ефективноста на преземените монетарни и фискални мерки. Сепак, забележливо е дека кај сите земји во регионот, профитабилноста на корпоративниот сектор за време на кризата се намали при позначителен пад на приходите, особено кај микро и малите компании.

Како што истакна гувернерката, неодамнешна анкета покажа дека во просек половината од компаниите во регионот на Западен Балкан, од почетокот на пандемијата, забележале пад на приходите за 50%, околу 65% од компаниите имале проблем со ликвидноста и околу 60% од компаниите користеле мерки за поддршка од владата, како и банкарски заеми.

Сепак, како што посочи Ангеловска-Бежоска, мерките преземени од носителите на политиките овозможија значителна поддршка за корпоративниот сектор. Од една страна, со олабавувањето на монетарната политика, обезбеден е значителен износ ликвидни средства за реалниот сектор, додека каматните стапки на кредитите во регионот се намалија на историски најниското ниво. Преземени се и други мерки, како мораториумот на долгови, со цел тековно да се намали ликвидносниот притисок врз фирмите. Од друга страна, тука се и значајните фискални пакети за поддршка на фирмите, коишто во регионот достигнуваат околу 6% од БДП, во просек.

Како резултат на стимулот добиен преку спроведените политики, бројот на затворени компании во 2020 година, и покрај ефектите на пандемијата, се намалува ‒ посочи Ангеловска-Бежоска. Ова е карактеристично како во глобални рамки, така и во регионот. Сепак, како што посочува гувернерката, оваа состојба можно е да е од привремен карактер и потребно е будно следење.

Затоа, со цел да се намали ризикот од несолвентноста на корпоративниот сектор понатаму, Ангеловска-Бежоска смета дека треба да се одржува силниот капацитет на банкарскиот сектор, за да може тој да обезбеди поддршка за корпоративниот сектор преку кредитната активност, да се продолжи со целните мерки за поддршка на одржливите компании, како и со структурните реформи за зголемување на потенцијалот на економиите.