Meta ќе отвори физички продавници за гаџетите од „метаверзумот“

34

Meta, порано позната како Facebook, планира да отвори синџир на физички продавници кои ќе нудат уреди за виртуелна реалност.

Тие ќе бидат неопходни за целосно искуство на потрошувачите во дигиталниот свет познат како „метаверзум“.

Засега не се објавени датуми или рокови за отворање на продавниците, според Њујорк Тајмс.

Гаџетите, кои ќе се продаваат во нив, ќе им овозможат на корисниците да спроведуваат видео конференции и да се вклучат во виртуелната реалност на платформата. Засега Facebook нема физички комерцијални локации, потсетува изданието.

Компанијата го промени своето име пред една недела, велејќи дека ќе се фокусира на изградба на „метаверзум“ каде луѓето ќе можат да градат социјални контакти, да работат и да се забавуваат.

Според The New York Times, плановите за физички продавници не се конечни и може да бидат напуштени во одреден момент, но тие сигнализираат дека на компанијата и треба платформа за вистински демонстрации на она што сака да го понуди во својот виртуелен свет.

Веќе се продаваат неколку производи кои се насочени кон овој сегмент и може да им овозможи на потрошувачите да ги тестираат во живо. Меѓу нив се уредите за виртуелна реалност Oculus Quest, кои ќе бидат ребрендирани во Meta Quest, како и технологијата за видео разговор Facebook Portal, која сега ќе се вика Meta Portal.

Сега можат да се најдат на други физички локации во САД, како што се продавниците на Best Buy.

Според прелиминарните гласини, првата физичка продавница на компанијата ќе биде отворена во Бурлингем, Калифорнија, каде се наоѓа канцеларијата на нејзината подружница Reality Labs.

Facebook не е првата технолошка платформа која се осврнува на физичките локации како дополнителен извор на приходи и клиенти. Apple и Google веќе имаат такви продавници.

Microsoft, од друга страна, одлучи да ги напушти физичките локации и да ги насочи своите напори за развој на својата онлајн продавница.