МФ: Фирмите добија 196 милиони евра поврат на ДДВ во првото полугодие

35

Фото: Pixabay

Преку 12 милијарди денари или 196 милиони евра се инјектирани во стопанството во првата половина од годинава, преку редовен и неселективен поврат на ДДВ кон фирмите. Согласно податоците на Министерството за финансии (МФ) повратот на ДДВ кон фирмите заклучно јуни е поголем за околу 20% во однос на истиот период лани или за скоро две милијарди денари, стои во соопштението.

Ако се направи споредба, пак со 2017 година, како што се наведува, повратот на ДДВ во првото полугодие е повисок за 3,2 милијарди денари или за околу 37%. Во споредба со 2016 година повратот е повисок за 4,9 милијарди денари или 69%.

Заменик министерката за финансии, Ширет Елези вели дека со редовниот и неселективен поврат на ДДВ се подобрува ликвидноста на фирмите.

“Навремениот и неселeктивен поврат на ДДВ е значаен за непречено оперативно работење на фирмите, но и за нивната инвестициска активност. Затоа Управата за јавни приходи направи Модул за автоматски поврат и пребивање даноци кон сите даночни обврзници. Главната цел е прецизно и навремено извршување на повратот и пребивањето даноци кон даночните обврзници“, вели Елези.

Заменик министерката за финансии посочува дека позитивните тенденции во стопанството се огледаат и преку добрата наплата на даночните приходи, вклучително и ДДВ. Таа додава и дека засилената активност на фирмите се покажува преку високиот раст на брутоинвестициите од 9,9% во прво тримесечје од 2019 година.