МФ: Регистрација и дерегистрација на ДДВ обврзник до 15 јануари

38

Од први јануари стапи на сила нов праг за ДДВ обврзници во износ од два милиони денари, со цел да се излезе во пресрет на барањата на граѓаните и малите фирми, стои во соопштението од Министерството за финансии (МФ).

Заклучно 15 јануари сите правни или физички лица кои во 2019 година имале промет под два милиони денари, а се регистрирани како ДДВ обврзници, имаат можност да се дерегистрираат од Регистарот на ДДВ обврзници, додека оние кои во 2019 година имале промет над два милиони денари, а не се регистрирани треба да се регистрираат како ДДВ обврзници.

Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност, можат да достават и даночните обврзници кои сакаат доброволно да се регистрираат за целите на данокот на додадена вредност.

Пријавите за регистрација може да се достават по пошта, лично до Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи, согласно седиштето или живеалиштето на даночниот обврзник или по електронски пат на http://etax.ujp.gov.mk.

Даночните обврзници, кои во 2019 година имале промет под прагот од два милиони денари, доколку сакаат, пријавата за дерегистрација за ДДВ обврзник, можат да ја поднесат до даночната канцеларија на УЈП или во електронска форма на линкот http://etax.ujp.gov.mk.

Министерството за финансии направи прирачник во кој граѓаните и фирмите ќе можат да се информираат повеќе за новиот праг и кој се има или нема обврска како ДДВ обврзник. Прирачникот можете да го најдете на веб-страната на Министерството за финансии.

Инаку прагот за ДДВ обврзник беше зголемен од еден милион денари на два милиони денари кон крајот на минатата година со цел да се намали административниот товар за граѓаните и фирмите. Кога ги презентираше законските измени, министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека сеопфатата анализа на Министерството за финансии покажала дека даночната администрација троши повеќе време за малите ДДВ обврзници кои придонесуваат со два проценти во вкупната наплата на ДДВ, отколку на оние кои придонесуваат со 73%.

Исто така, со новите законски измени променет е и периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и истиот е скратен на три години од претходните пет години.

Фото: Pexels