Microsoft и Netflix се здружуваат за поевтини реклами

18

Microsoft и Netflix одлучија да се здружат за да понудат поевтин план за претплата на корисниците на кои ќе им се сервираат реклами и огласи.

Netflix соопшти дека го избрал Microsoft за свој партнер за глобална рекламна технологија и продажба за да воведе „план за претплата со пониска цена што вклучува реклами“.

„Microsoft има докажана способност да ги поддржи сите наши потреби за рекламирање додека работиме заедно за да изградиме нова понуда поддржана од реклами“, рече главниот оперативен директор на Netflix, Грег Питерс во соопштението.

Во април, акциите на Netflix паднаа откако компанијата ја пријави првата загуба на претплатници по повеќе од една деценија.

Минатиот месец, ко-извршниот директор Тед Сарандос рече дека компанијата е во разговори со други компании за да изнајдат начини да се привлечат до ценовно чувствителна публика.

Нетфликс никогаш не сакал реклами, а целиот негов бизнис модел е изграден околу месечни претплати.

Сепак, директорите мораа да ги променат правилата. Компанијата губи претплатници, а поради кризата во светот домаќинствата сметаат дека откажувањето на претплатата е заштеда. Затоа создадоа поевтина услуга – со реклами – за која велат дека ќе биде воведена подоцна оваа година.