Микросам прослави 25 години успех, иновативност и трајни вредности

51

IMG_0811

Компанијата Микросам одбележа 25 години од своето постоење во Центарот за култура, Марко Цепенков во Прилеп.

“Уште ми се свежи сеќавањата кога со сопругата Лилјана го ковавме планот за основање на компанијата. Од консултантска канцеларија, станавме компанија со 150 вработени, од чудни погледи и неверувања за плановите, до респект од врвни компании, низа препреки, рамо до рамо со најдобрите производители на машини за композитни материјали во светот. Нашата книга од 25 поглавја допрва ќе ги испишува своите продолженија”, истакна проф. д-р Самакоски.

На корпоративна прослава по повод сребрениот јубилеј на компанијата, свечено се доделија дипломите на првите магистранти на Институтот за современи композити и роботика.

“Започнавме како консултантска компанија за дизајн на електронски компоненти и машини. Согледувајќи го успехот и задоволството на клиентите од креативните решенијата кои ги нудевме, решивме нашето знаењето да го примениме на дизајн и производство на сопствени машини и софтвер. Денес произведуваме целосно автоматизирани фабрики. Потврда за нашиот успех е задоволството на клиентите во околу 40 земји во светот во кои имаме успешно инсталирани 200 производни линии. Горди сме на сите кои беа дел од оваа успешна приказна, но ние и ден денес работиме како еден тим, нашата работа се базира на знаење и на континуирана едукација, но и на беспрекорна взаемна почит“, додаде проф. д-р Самакоски.

Сите присутни можеа да го погледнат и корпоративното видео, кое беше сплет на интервјуа и инсерти од работата на Микросам, а главната цел беше покажувањето на приказната од другата страна. Патот до успехот, патот до тоа како да се биде најдобар и да се постане гигант во производство во високата технологија.

Решенијата на Микросам се прилагодени и дизајнирани соодветно специфичните потреби на секој купувач, тоа ги прави лидери и успешни во тоа што го прават. Во ова видео се прикажа и придонесот на Микросам за општеството, најмногу во поглед на образованието. Во 2007 година, Микросам ја основа Академијата која нуди бесплатни курсеви за дообука и преквалификување на кадри во областа на програмирањето, машинството, електрониката и автоматиката.

Две години подоцна, Микросам го основа и првиот приватен институт во Европа од областа на техничките науки кој објавува високообразовна и научно – истражувачка дејност, со една од најсовремените лаборатории во светот во која има инсталирано опрема за сите клучни композитни технологии. Микросам денес е меѓу првите три компании во светот која нуди најсовремени автоматизирани решенија во областа на композитните материјали и роботиката.