Милано ќе ја искористи пандемијата за да го намали загадувањето

279

Италијанскиот град Милано, е еден од најпогодените градови oд коронавирус. Претходно, пред кризата предизвикана од епидемијата, овој град се соочуваше со исто така голем проблем. Беше на врвот на листата на најзагадени градови во Европа.

Меѓутоа, како резултат на епидемијата и мерките преземени од италијанската влада за спречување на нејзиното ширење, сообраќајниот метеж, којшто беше една од главните причини за загадување, се намали за 30 до 75%.

Градските власти се надеваат дека ќе успеат да ја одржат состојбата на намалено користење на автомобили.

Најамбициозна шема во Европа

Затоа тие смислија амбициозна шема, улиците каде што возат автомобили, се трансформираат во улици за возење велосипед и шетање.

Градот најави дека 35 километри улици ќе бидат трансформирани во текот на летото, со брзо ширење на простор за велосипедизам и простор за пешачење низ целиот град.

Планот наречен The Strade Aperte plan, вклучува нискобуџетни привремени ленти за велосипеди, нови и проширени тротоари, ограничување на брзината до 30 км на час и приоритетни улици за пешаци и велосипеди. Заменик градоначалникот на Милано, Марко Гранели зборуваше за желбата на владата да ја намали употребата на автомобили.

“Со години работевме на намалување на употребата на автомобили. Ако сите возат автомобили нема простор за луѓето, нема простор за движење“, рече Гранели и додаде дека сака да се рестартира економијата, но мисли дека треба да се работи поинаку од досега.

Милано – 15 км во дијаметар 

Милано е мал град, густо населен, со 15 километри од крај до крај и население од 1,4 милиони, од кои 55% користат јавен превоз за да дојдат на работа. Работите треба да почнат со уредување на Corso Buenos Aires, којашто е една од најважните градски улици, до почетокот на мај, со нова велосипедска лента и проширени тротоари.

Остатокот од работата ќе биде завршен до крајот на летото, велат официјалните лица, пренесува Guardian.

Поранешната комесарка за транспорт во Њујорк, Џенет Садик – Кан, соработува со други градови, вклучувајќи го и Милано во врска со сообраќајот. Вели дека Милано може да биде пример за другите.

“Планот на Милано е важен бидејќи е добар пример како може да се ресетираат градовите. Тоа е прилика да се погрижите улиците да бидат уредени за да се постигне посакуваниот резултат, не само автомобилите да се движат од точка А до точка Б, што побрзо, туку да овозможите сите безбедно да се движат“, вели Кан.

Фото: Pixabay