Милијардер осуден на 13 години затвор и глоба од милион долари

105

Судот во Шангај денеска соопшти дека го осудил кинеско-канадскиот милијардер Ксијао Џианху на 13 години затвор и го казни неговиот конгломерат Tomorrow Holdings  со рекордни 8,1 милијарди долари.
Ксијао и неговата компанија беа обвинети за незаконско задржување на јавни депозити, незаконско користење на доверени средства и поткуп, пренесува Ројтерс.

Ксијао е казнет и со 6,5 милиони јуани (957.000 долари), се вели во соопштението на судот, додавајќи дека Ксијао и неговата холдинг компанија сериозно ги прекршиле правилата за финансиско управување и ја загрозиле финансиската сигурност на државата.

Помеѓу 2001 и 2021 година, Ксијао и неговата компанија дале акции, недвижен имот, готовина и други средства на владини претставници во вкупна вредност од повеќе од 680 милиони јуани (над 100 милиони долари) за да го избегнат финансискиот надзор и да остварат нелегитимни интереси, се наведува во соопштението.

Во јули 2020 година, кинеските регулатори конфискуваа девет поврзани институции на Групацијата Tomorrow Holdings  како дел од борбата против ризиците од незаконски дејствија од финансиски конгломерати.