Милиони Европејци ќе избираат што да платат оваа зима, струја или храна

75

Цените на енергенсите вртоглаво пораснаа во последните месеци, поттикнувајќи ги стравувањата дека милиони Европејци оваа зима ќе бидат принудени да избираат помеѓу плаќање сметки и купување храна.

„За жал, ранливите ќе бидат принудени да ја платат цената за нестабилноста на нашиот енергетски систем, кој се потпира на фосилни горива“, рече Марта Мајерс од еколошката невладина организација Пријатели на Земјата.

„Трагично е што на еден од најбогатите континенти во светот, секое четврто домаќинство ќе мора да избира помеѓу загревање на домовите и храна на трпезата оваа зима“, изјави Мајерс за Еуроактив.

Околу 31 милион Европејци живеат во енергетска сиромаштија и не можат соодветно да ги загреат своите домови, покажуваат податоците на Евростат што ги обезбеди Европската комисија во својот извештај за состојбата на енергетската унија за 2021 година.

Сепак, многумина веруваат дека бројката всушност е многу поголема бидејќи не постои заедничка дефиниција за енергетска сиромаштија низ Европа, што го отежнува одредувањето на вистинската големина на проблемот.

Потрошувачите во Европската Унија веројатно ги очекуваат нови поскапувања на енергенсите, особено на гасот, бидејќи Германија привремено ја суспендираше процедурата за одобрување и со тоа го одложи пуштањето во употреба на „Северен тек 2“, кој би пренесувал гас од Русија до Европа.

Годинешниве енергетски шокови погодија и исфрлија од бизнисот некои од европските снабдувачи со енергија, кои не можеа растот на цените да ги наплатат од потрошувачите. Според Ројтерс, британската компанија Балб, која имала удел од шест отсто на домашниот пазар, е последната во низата што пропадна.

Огромните цени на струјата принудија некои индустрии да го намалат производството, а европските потрошувачи сега плаќаат многу повеќе за греење, што дополнително го зголемува притисокот на инфлацијата.

Цените на европскиот гас оваа година до октомври скокнаа за 700 проценти, бидејќи глобалните економии закрепнаа од пандемијата и го шмукаа гасот – особено во азиските земји, додека европските залихи беа при крај.

Европската комисија ги призна ризиците од зголемената енергетска сиромаштија во неодамнешните упатства и предлози за да им помогне на членките на ЕУ да се справат со високите цени на енергијата.

Краткорочните решенија вклучуваат привремени даночни намалувања, еднократна финансиска помош за домаќинствата со ниски приходи за да им се помогне да ги платат сметките за струја. Шпанија, Франција, Италија и Грција веќе воведоа мерки слични на овие за да им помогнат на ранливите домаќинства.

За да ги насочи националните влади, ЕК наведе низа мерки што членките можат да ги користат за борба против кризата. Мерките вклучуваат краткорочни и долгорочни решенија за намалување на притисокот врз домаќинствата и малите бизниси без „да му се наштети на внатрешниот енергетски пазар на ЕУ или на зелената транзиција гледано среднорочно“.

Членките на ЕУ имаат пристап и до фонд од 10,8 милијарди долари дополнителни приходи од програмата за трговија со штетни емисии на гасови, истакна Комисијата.

„Нема ограничување колку од ова може да се искористи за заштита на ранливите домаќинства“, рече еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон.

На долг рок, решението предложено од Брисел е да се намали зависноста од увезените фосилни горива преку зајакнување на заштедите на енергија и локални избори за обновливи извори во европскиот енергетски микс.

„Единствениот долгорочен лек за шоковите на побарувачката и нестабилноста на цените е транзицијата кон зелен и поефикасен енергетски систем базиран главно на локални извори“, рече Симсон, додавајќи дека сончевата и ветерната енергија „продолжуваат да обезбедуваат најприфатлива електрична енергија на пазарот за време на кризата“.

Сепак, енергетската транзиција бара време, а некои експерти предупредуваат дека нестабилноста на енергетскиот пазар најверојатно ќе остане бидејќи зелената транзиција ќе создаде дополнителна неизвесност за нафтата и гасот.