Минхенскиот институт ја намали прогнозата за економски раст на Германија во 2025 година на само 0,2 проценти

Во својата есенска анализа објавена денес, Институтот за економски истражувања IFO од Минхен ја намали својата прогноза за економскиот раст на Германија во 2025 година од претходните 0,3 проценти на само 0,2 проценти.

Според новите податоци, закрепнувањето на германската економија се очекува дури во следните години, кога растот би можел да достигне 1,3 проценти во 2026 година и 1,6 проценти во 2027 година.

Институтот во Минхен наведува дека вкупните капацитети на германската економија сè уште се недоволно искористени.

Американските царини продолжуваат силно да ја оптоваруваат германската економија, изјави Тимо Волмерсхајзер, раководител на економски прогнози во Ifo. Германија сè уште се бори да генерира нов импулс по две години опаѓање на БДП и економија погодена од слаба глобална побарувачка, високи трошоци за енергија и слабеење на индустриското производство.

„Доколку економската политика не се помести, на Германија ѝ се закануваат години економска парализа и ерозија на Германија како деловна локација“, вели Волмерсхајзер во песимистички коментар.

Ifo го анализираше очекуваниот ефект од планираната економска политика на владата во Берлин и процени дека фискалниот стимул ќе донесе 9 милијарди евра во економијата оваа година, кои ќе се зголемат на 38 милијарди евра во 2026 година и 19 милијарди евра во 2027 година.