Мишел: ЕУ порано или подоцна ќе мора да се откаже од рускиот гас и нафта

91

Европската унија порано или подоцна ќе мора да се откаже од рускиот гас и нафта за да изврши дополнителен притисок врз Русија да ја запре агресијата врз Украина, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Ги заоструваме нашите санкции за да го задржиме максималниот притисок врз Кремљ. Мислам дека порано или подоцна ќе бидат потребни мерки за нафтата, па дури и за гасот“, рече Мишел во дебатата на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.

Европската комисија вчера предложи петти пакет санкции против Русија, кој вклучува забрана за увоз на јаглен, забрана за сите трансакции за четири клучни руски банки, забрана за вкотвување на руски бродови во европските пристаништа и најави работа на дополнителни санкции, вклучувајќи забрана за увоз на нафта.