Мишустин: БДП на Русија е двојно поголем од развиените земји

15

Рускиот премиер Михаил Мишустин изјави дека Русија успешно го минала тешкиот период на почетна адаптација и дека растот на БДП од 3,6 отсто минатата година, според неговите проценки, е двојно поголем од просечниот показател во развиените земји.

Поднесувајќи го годишниот извештај на владата до Државната дума, тој изјави дека Русија е меѓу петте најголеми светски економии во однос на паритетот на куповната моќ и дека гледа потенцијал да биде меѓу првите четири, пренесува Комерсант.

„Оваа ситуација е една од последиците на санкциите кои неминовно влијаат на економијата на нивните иницијатори“, рече Мишустин. Тој додаде дека европските, американските и јапонските производители кои ја напуштиле земјата се заменети со организации од „пријателски земји“. „И секако, најактивни се домашните компании“, рече рускиот премиер.

Мишустин оцени дека минатогодишните високи економски показатели се резултат на „спроведувањето на одлуките на претседателот, работата на владата, сите гранки на власта, бизнисите, општествените организации и граѓаните“.

Позитивна динамика во економијата е постигната со ниската невработеност која до крајот на 2023 година е намалена на три проценти. Истовремено, рускиот премиер потврди дека годишната инфлација е над целните вредности. „Но, благодарение на соработката со Банката на Русија, таа значително забави, на 7,4 отсто“, рече Мишустин.

Мишустин истакна и дека приходите на федералниот буџет и економијата во целина стануваат се помалку зависни од извозот на суровини. „Приходите од нафта и гас се зголемени за четвртина“, нагласи рускиот премиер. Тој рече и дека лани обемот на инвестиции е зголемен за околу 10 проценти. Според неговите проценки, ова е рекорд во последните 12 години.