Митреска: Макроекономското сценарио за македонската економија е стабилно

79

Ние како централна банка ги следиме економските изгледи на сите клучни трговски партнери на нашата економија. Оцените за случувањата во германската економија, како и воопшто оцените за надворешното окружување, веќе се вградени во нашето макроекономско сценарио. И покрај претпоставките за економските движења кај нашите клучни трговски партнери, макроекономското сценарио за македонската економија е стабилно. Ние цениме дека нашата економија има потенцијал за солиден раст. Очекуваме дека надворешната позиција и понатаму ќе биде стабилна и поволна, со низок дефицит во тековната сметка и со умерени капитални приливи.

Ова меѓу другото го истакна вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервјуто за телевизијата Алсат-М, коешто беше емитувано во емисијата Економски магазин.

Осврнувајќи се на ризиците од надворешното окружување, Митреска нагласи дека и покрај големата поврзаност на нашата со германската економија, случувањата на економската сцена во Германија засега немаат поизразено влијание врз нашите економски параметри.

“Засега нема сигнал којшто би упатувал на позначајни ефекти од забавениот економски раст во Германија врз нашата економија. Тоа е видливо преку показателите за економската активност, како и преку показателот за извозот – во првите десет месеци од оваа година, извозот и натаму расте со двоцифрена стапка од близу 11%. Надворешнотрговската размена со германската економија продолжува да расте со стапка од околу 16%“, посочи таа.

Притоа, одделно нагласи и дека засега не постои ризик од поголем ефект којшто би дошол од случувањата во германската автомобилска индустрија.

Последните десетина години, како што кажа вицегувернерката, се случуваат големи структурни промени во извозниот сектор кај нас, коишто овозможуваат поинтензивно вклучување во глобалниот синџир на производство.

“Во нашата економија влегуваат и нови компании и има најави за дополнителни, нови инвестиции. Сето ова создава нејзина поголема отпорност на евентуални шокови од надвор“, рече Митреска.

Инаку, во интервјуто, акцентот беше ставен на актуелностите и движењата во глобалната и европската економија, при што вицегувернерката одделно се осврна и на глобалните трговски тензии коишто се и главна причина за падот на глобалниот економски раст.

“Морам да кажам дека и покрај неповолниот глобален контекст, оваа година има раст на економијата во глобални рамки. Забавувањето на тој раст е умерено и не станува збор за ризик од појава на рецесија или од глобална економска криза“, нагласи меѓу другото Митреска. Таа посочи и дека според показателите, забавувањето на германската, како и на економијата на еврозоната е  привремено и дека не постои простор да се очекува некаков пресврт во економскиот циклус.

Вицегувернерката, накусо говореше и за Брегзит, согледувајќи го процесот од економска перспектива. Притоа кажа дека во последните денови, како фактор на ризик за глобалната и европската економија, Брегзит има помалку изразено влијание во споредба со претходно, но дека сепак постои неизвесност.

“Народната банка постојано ги следи трендовите и случувањата во меѓународното окружување, во контекст на поставеноста на монетарната политика“, вели Митреска.