Mitsubishi го претстави целосно новиот Outlander

5

Новиот Mitsubishi Outlander е официјално претставен и е првиот модел на компанијата кој е под директно влијание на Renault-Nissan-Mitsubishi алијансата.

Новиот Outlander официјално беше претставен преку Amazon Live, со што е првиот автомобил кој својата премиера ја доживеал на онлајн стриминг платформата. SUV моделот ќе влезе во продажба во САД во април, а подоцна ќе пристигне и на останатите пазари. Новиот Mitsubishi Outlander е развиен целосно од почеток, иако е базиран на Nissan X-Trail. Но, Mitsubishi вели дека е базиран на производствениот концепт I-Fu-Do-Do, што значи автентично и величествено на јапонски.

Овој SUV на Mitsubishi не само што е клучен за компанијата, туку е и навистина значителен за партнерот Nissan, кој има 34% во компанијата. Новиот Outlander е првиот целосно нов производ кој ќе биде лансиран од страна на јапонската компанија по повеќе години, кога станува збор за северноамериканскиот пазар, каде првично ќе биде понуден. Mitsubishi го реосмисли на секој можен начин својот Outlander, а оттаму и големите очекувања.

Новиот Outlander исто така се карактеризира и со унапредениот дизајнерски јазик на компанијата и е позициониран како нов знаменосец во поставата на Mitsubishi, поставен над кросовер SUV моделите. Outlander e првиот кој ќе се карактеризира со новата интерпретација на Dynamic Front Shield, кога станува збор за предниот дел, а од Mitsubishi велат дека инспирацијата е повлечена од двата најпопуларни модели на компанијата – Pajero и Evolution X. Фаровите сега се поставени подолу на предниот браник, додека горната светлосна група е задолжена за дневни светла и индикаторите за насока.

Опциите за бојата на екстериерот вклучуваат голем број варијации на сребрено и црно. Вкупно осум бои ќе се понудат на пазарот во Северна Америка, вклучително и три Diamond Colors на Mitsubishi, а за разлика од САД, на останатите пазари ќе се понуди и базична бела боја.

Кога станува збор за димензиите, новиот Outlander е 5,08 сантиметри поширок од претходниот модел. Меѓуосовинското растојание исто така е продолжено, од 266,9 на 270,5 сантиметри, со тоа што патникот на предното седиште добива дополнителни 2,54 сантиметри простор, а просторот на задната клупа е зголемен за 2,79 сантиметри. Должината на моделот изнесува 468 сантиметри, широк е 186, а висок 174,7 сантиметри. Должината на багажникот, со преклопена задна клупа, сега е зголемен на максимални 204 сантиметри, во однос на 168,7 сантиметри кај претходниот модел.

Од Mitsubishi велат дека во внатрешноста на Outlander е посветено големо внимание од страна на дизајнерите. Фокусот пред се е ставен на квалитетот на материјалите и генералниот финиш со цел да се позиционира новиот модел повисоко во однос на конкурентите.

Инаку, Mitsubishi Outlander е единствениот автомобил во сегментот кој нуди три реда на седишта како стандард. Јапонската компанија ветува дека новиот Outlander во внатрешноста ќе понуди „тивок и мирен простор, кој ќе го прикаже квалитетот преку материјалите кои се над класата“. Седиштата со кожа и алуминиумскиот трим се достапни во најопремениот SEL модел, додека пониските нивоа на опременост нудат текстил или антилоп на седиштата.

Во внатрешноста се наоѓаат 12,3-инчниот инструмент кластер и 9-инчниот екран од инфозабавниот систем кои пристигнуваат како стандард, заедно со Android Auto и Apple CarPlay. Сепак, најголемата новина во дизајнот на ентериерот е присуството на посебни команди за контрола на клима-уредот. Тука се и повеќето USB A и USB C приклучоци, а дел од опремата се и адаптивниот темпомат, асистенција за одржување на лента, навигација, 10,8-инчен head-up екран во боја и Bose аудио систем со 10 звучници.

Целосно новиот Outlander е опремен со 2,5-литарски бензински мотор кој е „ново-развиен од страна на Алијансата“. Тоа значи дека Outlander го користи истиот мотор кој може да се најде кај некои производи на Nissan. Агрегатот испорачува моќност од 184 КС при 6.000 КС и 245 Nm максимален вртежен момент при 3.600 вртежи во минута. Моторот се одликува со електричен VVT, а доаѓа во комбинација со препознатливиот осумстепен CVT менувач.

Outlander ќе нуди и некои карактеристични технологии. На пример, компанијата разви сопствен погонски склоп за дополнив хибрид, па на ова технолошко решение ќе се потпираат сите членови на големата алијанса. Автомобилот пристигнува и со Super All-Wheel Control 4WD систем, кој е елемент наменет исклучиво за Mitsubishi и е извлечен од наследството на компанијата во WRC шампионатот. Овој систем доаѓа заедно со новиот селектор за возачки режими, преку кој можат да се избере и Normal, Tarmac, Gravel, Snow и Mud начин на возење. Интересно, селекторот за режими е достапен со верзијата со погон на сите четири, но и со погон само на две тркала, иако на оваа опција ја нема опцијата за Mud режим.

Инженерите на Mitsubishi особено се потрудија со подесувањата и додавањата на сопирачкиот систем на уште една електронска група на делови наречени Brake AYC. Тој овозможува со користењето на стандардните сопирачки да се контролира погонскиот вектор. Електрониката селективно ги активира сопирачките на сите четири тркала, па дури и кај базичната варијанта која се нуди со погон само на предните тркала.

Производството на четвртата генерација на овој SUV веќе започна во Јапонија, а приоритет ќе биде северноамериканскиот пазар. Почетната цена во САД, Канада и Порторико изнесува 25.800 долари.

Преземено од Avtoplus.mk