Млад иноватор од Тузла создаде уред што ќе го олесни движењето на луѓето со парализа

31

ewalk

Кенан Мехиновиќ, ученик во средното електротехничко училиште во Тузла, создаде изум што би можел да им го олесни движењето на луѓето со парализа, пишува Акта.ба.

Инспирацијата за неговиот eWalk ја доби од емисијата Game Changers, во којашто се зборувало за REX exosleketon, по што се обидел и самиот да направи нешто слично.

“Она што тогаш најмногу ме инспирираше и ме наведе на размислување беа лицата на луѓето со парализа откако добија шанса да проодат. Многу ме интересира роботиката, размислував за тоа колку е интересна технологијата и се надевам дека повеќе ќе се посветам на тоа во иднина“, изјави Мехиновиќ.

Просечната цена на уреди од ваков вид може да достигне и над 50.000 долари, што ја ограничува неговата широка примена. Но, eWalk на овој млад иноватор би имала десетина пати пониска цена.

“Засега нашата цел е да развиеме функционален прототип, па дури потоа да го насочиме кон комерцијални цели. Побарувачка постои, но и цената со којашто би излегле на пазарот е доста прифатлива. Ако го земеме предвид фактот дека на секои 500 деца, едно е родено со парализа, како и зголемениот број на луѓе повредени во сообраќајни несреќи, постои голем интерес за овој производ“, додава тој.