Млад научник од Белград направи иновативна маска за заштита од коронавирус

1372

Младиот научник Никола Крстиќ од Белград, со неговиот тим Анора, дизајнираше life mask, маска за заштита од коронавирус. Неговиот изум беше претставен во Фондот за иновации во Србија и се чека одговор дали ќе може да започне со производство.

Младиот научник открива дека маската е направена од hips (High Impact Polystyrene) пластика со специјални филтри. Може да се користи и откако ќе престане опасноста од вирусот Kовид-19 против разни видови загадување.

“Маската ќе има Х-13 филтри, коишто ќе го прочистуваат воздухот. Таквите филтри можат да се менуваат на секои 10 до 14 дена и може да се перат во врела вода. Она што е најважно сега е можноста да се произведат околу 100.000 вакви маски за еден месец. Тоа е целосно домашен производ, којшто ќе се произведува во фабрика во Инџија. Планирано е маските да бидат бесплатни, а доколку тоа не е можно, цената ќе биде околу 200 динари“, објаснува Никола.

Инаку, Никола Крстиќ е добро познат млад српски научник, кој дизајнираше ракавица за слепи лица. Денес, тој е извршен директор на старт – ап компанија и доби грант од 80.000 долари за да го усоврши својот изум. Конечната верзија на оваа ракавица се очекува во мај.

Фото: Facebook