Младите и евроскептицизмот: Над 40% со позитивен став кон ЕУ, но без верба во брза ЕУ интеграција на земјата

Резултатите од онлајн анкета спроведена на крајот на месец јуни 2025 година со учество на над 1.000 млади лица од земјава потврдуваат постоење на евроскептицизам помеѓу младите луѓе, различни очекувања за членството во ЕУ, како и голем број можности и активности кои можат да се преземат од страна на националните и ЕУ институциите во соработката со младите луѓе на овој план. Истражувањето е дел од поширока анализа за ставовите на младите кон Европската Унија и се реализира во рамки на соработката меѓу Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП Скопје), Европскиот Центар за извонредност (ECE Брисел) и германската Фондација за слобода „Фридрих Науман“, а во соработка со македонската младинска платформа „Студентарија“.

41 процент од младите во земјава ја доживуваат Европската Унија позитивно, 24 проценти имаат негативен став за Унијата, додека нешто над една третина или речиси 35 проценти од младите се неутрални, што јасно укажува на отворен простор за дејствување, но и на отсуство на конкретно доживување или поврзаност со ЕУ вредностите.

Во поглед на иднината на земјата во Унијата, податоците се мошне скептични. Речиси половина од испитаниците, односно 46.5 проценти, не веруваат дека Македонија воопшто ќе стане земја-членка на ЕУ. 35.8 проценти сепак се изјаснуваат дека македонската евроинтеграција ќе се случи, но во подалечна иднина, додека само 6.7 проценти веруваат дека тоа може да се случи во следните пет години, а останатите 11 проценти не знаат, односно немаат став по ова прашање.

Корупцијата е убедливо посочена од младите од земјава како најголема пречка за европската интеграција, со 84.6 проценти од испитаниците што ја избрале оваа опција. По неа следат билатералните спорови (61 процент) и ниската доверба во институциите (60 проценти) – фактори кои јасно покажуваат дека младите ја препознаваат внатрешната политичка состојба како клучен предизвик за приближување кон ЕУ, но и очекуваат конкретни чекори од националните институции во борбата против корупцијата како основа за подобри услови за живот и останување на младите во земјата.

Според анкетата, младите се изјасниле дека се доволно запознаени со вредностите и политиките на ЕУ. Оваа можност ја избрале 53 проценти, додека речиси ист број на млади испитаници рекле дека се многу (22 проценти) или, пак, малку (21.5 проценти) запознаени за ЕУ. Низок процент, односно само 3.5 проценти од младите рекле дека воопшто не се запознаени со вредностите и политиките на Унијата.

Најголема заинтересираност помеѓу младите од земјава на теми поврзани со ЕУ предизвикуваат можностите за работа и живот во ЕУ за што се изјасниле 76.2 процент. На второто место се програмите за образование и млади како Еразмус+ за што се изјасниле 55.1 процент, додека, пак, третото место го заземаат темите поврзани со заштитата на човековите права, опција за која се изјасниле 50 проценти од младите. Понатаму младински интерес за ЕУ будат заштитата на животната средина (48.1 проценти), дигитализацијата и иновациите (44.5 проценти) и културната размена (32.2 процент).

Фото: Pixabay