Млекарско-преработувачката индустрија се движи во нагорна линија

74

Млеко – преработувачката индустрија бележи позитивни резултати. Државните мерки за поттикнување на сточарството направија да се зголеми бројот на овци и млечни крави, а стабилната откупна политика ја врати довербата помеѓу фармерите и преработувачите. Ова го истакна министерот за земјоделство Љупчо Димовски кој беше во работна посета на Радовиш каде го посети преработувачкиот капацитет, млекара Ѓоргиеви.

Според Димовски, особено радува фактот што голем дел од производствените капацитети во континуитет го зголемуваат производството и го пласираат не само на домашниот, туку и на странските пазари.

„Ова е добро не само за извозниот потенцијал на Република Македонија во делот на млекарството, добро е и заради тоа што повторно се враќа довербата помеѓу одгледувачите на стока и преработувачите на млекото, односно млекарските капацитети. Ние до пред 7-8 години имавме ситуација кога таа доверба беше нарушена“, рече министерот Димовски.

За преработувачите од големо значење била државната поддршка за субвенциониран настап на големите саеми преку кои дошле и до нови пазари.

„Благодарение на условите што ги нуди Владата на Република Македонија преку субвенциониран настап на саемите, на еден таков саем во Германија нашите менаџери пронајдоа купувачи во Обединетите Арапски Емирати“, вели Драги Ѓоргиев, сопственикот на млекара Ѓоргиеви.

Министерот Димовски најави дека поддршката и поттикнувањето на земјоделството ќе продолжи и во наредниот период. За таа цел веќе е подготвена стратегијата за развој на земјоделството во следните 7 години, документ кој треба да биде усвоен до средината оваа година.