
Монетарната политика и понатаму ќе треба да биде цврста, бидејќи инфлацијата е поупорна од очекуваното, рече Пјер-Оливие Гуринчас, главен економист во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Тој во интервју за шпанскиот весник „Паис“ изјави дека моменталната инфлација во Европската унија и во еврозоната е помала поради падот на цените на енергијата и храната, но дека основната инфлација не се намалува, пренесува Танјуг.
Економистите од ММФ наскоро ќе извлечат заклучоци од ваквиот развој на ситуацијата, но Гуринчас додава дека досегашното заострување на монетарната политика не донесе соодветни резултати и дека можеби на ова ниво треба да остане подолго, барем до 2025 година.
Според него, пораката од состанокот на економистите во Синтра е дека високите каматни стапки ќе останат уште некое време и нема наскоро да се намалат.
Американската економија покажува отпорност
Во исто време, главниот економист на ММФ истакна дека сценариото за рецесија во Соединетите Американски Држави е „неизвесно“.
„Американската економија покажува издржливост: невработеноста е на историски ниско ниво што не сме го виделе со децении, има доволно слободни работни места, а економијата сè уште расте, можеби посилно од очекуваното“, рече тој.
На прашањето дали е можно да се победи инфлацијата без да се предизвика економска рецесија, Гуринчас посочи дека ќе биде „многу тешко“.











