ММФ предвидува раст од 3,2% на македонската економија

22

mmf-proekcija

Фото: ММФ

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува македонската економија оваа година да забележи раст од 3,2%. Во светски рамки, проекциите се на ниво од 3,5% оваа година и 3,6% во 2018 година.

“Нашата нова проекција за 2017 година во април е повисока од онаа што ја очекувавме во последната проекција. Ова подобрување произлегува од добрите економски врсти од Европа и Азија, како и нашите очекувања за поголем раст во САД оваа година“, велат од ММФ.

Од земјите во регионот, највисока стапка на раст во 2017 година ММФ предвидува за Албанија (3,7%), 3,5% раст ќе забележи економијата на Косово. По нив следат: Црна Гора со 3,3%, Србија со 3%, Бугарија и Хрватска со по 2,9%. Словенечката и турската економија ќе евидентираат раст од 2,5%, додека грчката економија ќе порасне за 2,2%.

Оваа меѓународна монетарна институција предвидува американската економија да порасне за 2,3% во однос на 1,6% минатата година. Проекциите за раст на евро зоната се на ниво од 1,7% исто колку и во 2016 година. ММФ очекува јапонската економија да забележи раст од 1,2% што е повеќе во споредба со растот од 1% лани, а за Кина се предвидува пораст на економијата од 6,6%.