ММФ: Војната во Украина ќе го забрза преминот кон дигитални валути

8

Финансиските санкции врз Русија би можеле постепено да ја намалат доминацијата на доларот и да го поделат меѓународниот монетарен систем, изјави претставничката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Гита Гопинат.

„И во такво опкружување доларот би ја задржал позицијата на значајна глобална валута, но фрагментацијата, во најмала рака, дефинитивно е сосема можна”, вели заменичката извршна директорка на ММФ во разговор за лондонскиот бизнис весник „Фајненшел тајмс”.

Некои земји веќе преговараат за замена на валутите во кои го наплатуваат извозот, рече Гопинат, додавајќи дека зголемената употреба на други валути во глобалната трговија ќе резултира со поразновидни девизни резерви во централните банки.

Војната во Украина ќе го забрза, според Гопинат, и преминот кон дигитални валути од обични криптовалути до тие што се фиксирани со класичните валути и стоки, како и дигиталните варијанти на постоечките валути кои го издаваат централните банки. САД, ЕУ и нивните сојузници воведоа низа санкции врз Русија поради нејзината инвазија врз Украина.