МојДДВ, Моја награда – наградна игра за оние кои скенираат фискални сметки

44

Од 25-ти ноември, сите граѓани кои преку апликацијата МојДДВ скенираат фискални сметки, ќе бидат учесници во наградната игра МојДДВ, Моја награда, соопштуваат од финансии.

Предвидени се награди на дневно ниво, 15 награди на месечно ниво и две главни награди. Фондот е 31 милион денари и сите награди се парични. Според министерката за финансии, Нина Ангеловска тоа е унапредување на мерката мој ДДВ којашто дава резултати и ќе биде дополнителен мотив на граѓаните во борбата против сивата економија.

“Наградната игра МојДДВ #МојаНаграда е еден вид унапедување на мерката која до сега даде резултати. При креирање на наградната игра, тимот кој работеше ги зема предвид и бројните предлози што пристигнаа од граѓаните и задоволство ми е да ви кажам дека добар дел од нив ќе бидат и инкорпорирани во унапреденото решение. Исто така, беа земени предвид успешни најдобри практики од други земји. И не само тоа, туку одиме чекор повеќе и покрај наградувањето Наградната игра има и едукативни елеметни кои ќе влијаат на финансиската писменост“, изјави министерката Ангеловска.

Апликацијата МојДДВ има 200.000 инсталации и на месечно ниво се скенираат над 7,5 милиони сметки од страна на над 150.000 активни корисници кои скенираат. Министерката потенцира дека на крајот на годината преку оваа мерка кај граѓаните ќе бидат вратени три милиони евра за првите три месеци откако почната мерката.

“Граѓаните ќе добијат парични награди при скенирање на фискалните сметки дополнително од повратот којшто е гарантиран и изнесува 15% од ДДВ на фискланата сметка. Повратот ќе продолжи и во декември ќе биде направена првата исплата во износ од три милиони евра назад кон граѓаните, додека со наградната игра овозможуваме дополнително стимулирање и мотивирање на граѓаните да учествуваат во борбата против сивата економија“, рече министерката.

Наградната игра е на Министертвото за финанси и Управата за јавни приходи, а ќе ја организира Државна лотарија на Македонија. Ќе трае една година.