Молчење во јавниот превоз за да не се шири коронавирусот

23

Научници од шпанскиот Национален совет за истражувања им препорачува на корисниците на метроата и на јавниот превоз да не разговараат меѓусебно или преку мобилен телефон додека се возат за да се спречи ширење на коронавирусот, пренесуваат тамошните медиуми.

“Би било идеално кога пред влезот во подземната железница ќе стои натпис: Тишина во метрото“, вели Мариа Круз Мингулон, епидемиолог од Шпанија.

Според нејзе со “молчење и правилно носење на маски се минимизира ризикот од пренос на коронавирусот“.

“Доколку разговараме гласно или на мобилен телефон во текот на возењето со јавен превоз, а знаеме дека во метрото е обично бучно, испуштаме 50 пати повеќе аеросоли“, додава таа и смета дека истата мерка треба да се применува во сите видови на јавен превоз.

Покрај одржување на физичко растојание, лична хигиена и секојдневно носење на маски, се знае дека и добрата вентилација, се клучните мерки за спречување на ширење на коронавирусот.

Докажано е дека вирусот може да се пренесе преку аеросоли поради што луѓето треба да настојуваат често да ги проветруваат просториите во коишто се наоѓаат за да се намали ширење на заразата.

Фото: Freepik