
Германскиот регулатор за заштита на потрошувачите поднесе тужба против американскиот прехранбен гигант „Монделез“, објаснувајќи дека го намалил пакувањето на чоколадите „Милка“ од 100 на 90 грама, но не и нивната цена.
Покраинскиот суд во Бремен потврди за новинската агенција ДПА дека тужбата ја поднело здружението за заштита на потрошувачите во Хамбург, обвинувајќи го американскиот прехранбен гигант за нелојална конкуренција и заведување на клиентите.
„Многу потрошувачи со години купуваат Милка во исто пакување и претпоставуваат дека масата на производот не се променила. Тие потрошувачи се жртви на измама бидејќи неговите многу варијации сега тежат само 90 грама, а нивната цена е иста или дури и повисока“, рече Армин Валет од здружението.
Намалувањето е речиси незабележливо, па самото чоколадо е за милиметар потенко, со ист дизајн и пакување. Новата маса е прикажана на предната страна од пакувањето, но во многу случаи е наведена со ситни букви и е замаглена на полиците во супермаркетите.
Регулаторот бара појасни етикети и предупредување до потрошувачите дека пакувањето ќе биде намалено најмалку шест месеци пред промената, објавува Хина.
Монделез ги отфрли тврдењата на здружението, велејќи дека транспарентноста во комуникацијата со потрошувачите е нивен врвен приоритет.
„Новата тежина е јасно означена на пакувањето на производот“, рече портпаролката на компанијата, додавајќи дека Монделез ги информирал клиентите на социјалните медиуми и дека целосен преглед на големините и тежините на производите е достапен онлајн.
Компанијата немаше избор и беше принудена да ја промени граматурата поради повисоките трошоци на синџирот на снабдување и состојките, изјави портпаролката, истакнувајќи дека цените на какаото речиси се зголемија тројно во изминатата година и достигнаа рекордни нивоа.
Судот ќе му даде можност на Монделез да одговори на тужбата пред да одлучи дали да свика рочиште, изјави портпаролката на судот.











