Амбасадорот на Словенија во Македонија, Бранко Раковец ја посети Филтер станицата во Штип, каде што во тек се градежни активности за нејзина преадаптација за примање на водата од Хидросистемот Злетовица. Општина Штип и ЈП Исар добија донација од 415.000 евра, а кои се искористени за нова опрема. Амбасадорот Раковец вели дека Македонија и Словенија имаат одлична соработка, а со донацијата во опрема за штипската Филтер станица на граѓаните ќе им се овозможи доволно количини на питка вода за пиење.
“Ме радува денеска што директорот на ЈП Исар ме информира дека работите одат нормално и дека за еден или два месеца може преадаптираната филтер станицата да се стави во функција”, вели Раковец.
Директорот на ЈП Исар, Никола Мицевски вели дека токму денеска е поставена целокупната опрема за дозирање и контрола на автоматскиот систем за работа и прифаќање на водите од ХС Злетовица.
“Се работи за средства во висина од 415.000 евра, за што искрено сме благодарни на словенската Влада, која што ги одобри преку МТМР, а кои се донатори на овој грант. Со ова можеме да кажеме дека некаде отприлика за 15 до 20 дена можеме да почнеме со пробно тестирање на целокупниот систем и функционирање на целокупната автоматика, која што ја имаме”, вели Мицевски.
Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев истакна дека со оваа донација, но и со средствата кои се обезбедени преку Јапонска Џајка и од буџетот на Општина Штип во преадаптацијата на Филтер станицата ќе бидат инвестирани 1.150.000 евра.
“Со преадаптацијата на Филтер станицата ќе се овозможи нашиот град да има вода за следните два века, доволно вода за пиење и тоа планинска вода, која ќе доаѓа од Осоговските планини. Сите активности добро течат и ЈП Исар е добро организирано”, вели Захариев.
Во рок од еден до два месеца водата од ХС Злетовица, која ќе се пречистува во преадаптираната Филтер станица да стаса до домаќинствата и до индустриските зони во Штип. Во моментов Штип се снабдува со вода од бунарскиот систем, а со приклучувањето на цевководот ќе се добиваат по 500 литри во секунда, што ќе овозможи градот да се развива во наредните години.