Московската берза го прекина тргувањето со швајцарскиот франк

46

Московската берза објави дека од денеска ќе го прекине тргувањето со швајцарскиот франк за рубли и американски долар, откако Швајцарија ги усвои новите санкции на Европската унија против Русија.

Во соопштението на Московската берза како причина за ваквата одлука се наведуваат потешкотиите во извршувањето на трансакциите во швајцарска валута поради новите трговски ограничувања што Швајцарија ги воведе минатата недела, пренесува Ројтерс.

Тргувањето со швајцарскиот франк е прекинато поради потешкотии во извршувањето на порамнувања во швајцарски франци со кои се соочуваат учесниците на пазарот и финансискиот сектор поради рестриктивните мерки што ги воведе Швајцарија на 10 јуни.

Швајцарија, која не е членка на Европската унија, минатиот петок го дополни пакетот санкции против Москва со цел да се усогласи со најновите рестриктивни мерки на ЕУ против компании, банки и поединци од Русија и Белорусија.