Можно доградување на системот за отпрашување на Југохром

21

Петта година изминува откако прекина работата на фабриката за производство на феролегури Југохром во тетовско Јегуновце поради неисполнетите обврски за достигнување на А интегрирана еколошка дозвола.

Од раководството најавуваат дека е можно придвижување на процесот на доградба на системот за отпрашување што започна во април 2017 година, што е услов фабриката во иднина да продолжи да работи согласно потребните стандарди и да не ги загадува животната средина и воздухот.

“Имаме начелна одлука на сопственикот на фабриката, кој живее во Лондон, а беше тука пред два месеци при што ја истакна намерата да се продолжи со градење на системот за поставување на филтри за отпрашување. Сега сме во интензивна комуникација со компанијата која почна да го гради системот околу преостанатиот долг како ќе се плаќа за да можат да ја довршат челичната конструкција. Чекаме да помине зимскиот период па од март-април да се почне со тие градежни активности“, изјави за МИА, Васко Скендеровски, генерален директор на Југохром.

Системот за отпрашување претставува комплекс на повеќе објекти кои се функционално поврзани меѓу себе. Се состои од цевковод за довод на отпадни гасови од печките, пресепаратор во кој се стопираат големи честички, главни вентилатори, објект за филтерско прочистување, систем за пренесување на отпадна прашина и силоси за складирање на прочистени отпадни гасови. Чини 12 милиони евра. Доколку се изгради ќе може да работат само две печки.

“По мои проценки бидејќи е во завршна фаза челичната конструкција, односно само треба монтажа тоа би се работело некаде до јули. Потоа тие филтри, односно целата постројка како станица за печките број 7 и 8 би била готово околу октомври-ноември. Системот за отпрашување е предвиден само за тие две печки, кои доколку почнат да функционираат би имало работа за околу 400 луѓе вкупно, со сегашната администрација, која проценувам дека ќе треба да се зголеми“, истакна Скендеровски.

Над 700 луѓе останаа без работа од први ноември 2016 година откако Државниот инспекторат за животна средина наложи да престане производството поради непоставување на филтри до крајниот рок на 31 октомври 2016 година. Досега на работа одеа само неколку десетици луѓе од администрацијата и одржување.

Во текот на 2017 година три пати работниците од Југохром одржаа јавни протести и го блокираа автопатот Тетово-Скопје, со цел да го искажат револтот што останаа без работа и побараа фабриката да продолжи да функционира.

Фабриката почнала да произведува во 1955 година, а во најдобрите времиња вработени биле и над 1.000 луѓе.