„Очекувам и следната аукција да биде успешна. Зад овој процес стои конзорциум на банки со кои 20 години земјата реализира успешно издавање на еврообврзници, а постои и интерес од инвеститорите што учествуваа на аукцијата на 9 февруари повторно да учествуваат“, рече министер за финансии, Фатмир Бесими во вчерашното гостување на емисијата „24 Анализа“.
Повторената аукција, како што рече министерот, не повлекува финансиски трошок, бидејќи тоа е во рамки на договорот што го има земјата со конзорциумите банки, кои во овој процес не следат 20 години.
„Штом се избере министер за правда, ние сме подготвени следниот ден да настапиме на пазарот, зависно од оценките на банките кои ќе посочат кои се добри позиции. И следната трансакција ќе биде успешна. Инвеститорите покажуваат интерес повторно да се јават. Ние издаваме познат производ за нив, не доцниме со исплати и тоа и е познато на нив. Нема нови трошоци за повторената постапка, додека каматата ја одредува пазарот“, рече министерот Бесими.
Тој потенцира дека каматната стапка ќе го одреди и износот на кој ќе биде издадена Еврообврзницата.
„Ние имавме плафон на 800 милиони евра и одлучивме да издадеме Еврообврзница од 600 милиони евра за да ги платиме обврските кон странство, односно еврообврзницата што доспева во јуни од 450 милиони и каматите околу 30 милиони за истата, како и други заеми што доспеваат кон странство. Идејата беше тоа што ќе го обезбедиме со Еврообврзница да платиме она што е обврска кон странство. Доколку каматата е над 7 проценти и повеќе, може да се разгледа опцијата да се издаде Еврообврзница само на 500 милиони евра, па во текот на годината да се видат повторно условите, односно доколку се олабават каматите, затоа што се очекува во втората половина од годината инфлацијата да се намали и растот да се зголеми, но имаме многу непознати и никој не знае што ќе се случи во Украина“, истакна министерот Бесими.
Фото: Freepik