Можно е годинава да го задржиме летното сметање на времето

206

Владата го задолжи Министерството за економија да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија.

Летното сметање на времето треба да заврши на 30 октомври, кога стрелките на часовникот треба да се вратат еден час наназад, односно во 3 часот по полноќ ќе се смета дека е 2 часот.

Инаку, долги години трае дебатата дали е добро да се напушти светската практика на зимско и летно сметање на времето, како од економски аспект, така и од аспект на здравјето на луѓето.

Дигиталните современи уреди, како мобилни телефони, компјутери и други уреди автоматски го менуваат времето, додека на аналогните времето треба да се кориегира рачно.

Дебата за укинување на зимското и летното сметање на времето ја отвори и Европската комисија (ЕК) пред четири години. Тогаш во онлајн-анкета дури 83 отсто од жителите на ЕУ се изјаснија дека се „за“ укинување на ваквиот начин на сметање на времето, по што ЕК достави и официјален предлог до Европскиот парламент кој истиот го одбори во 2019 година. Според тоа, укинувањето требаше да се примени од лани при што секоја земја-членка требаше да избере кое сметање на времето ќе го задржи. Меѓутоа, во пракса тоа не се случи.