Мукаетов: Вложивме над 120 милиони евра во производство, технологија, ИТ, кадар и знаење

110

mukaetov

Во последните 15 години се вложени над 120 милиони евра во производни капацитети, технологија, информатички системи, кадар и знаење вели генералниот директор на Алкалоид, Живко Мукаетов, во интервју за хрватски Пословни дневник.

“Секоја дејност и секој пазар има свои специфики, а за нас е важен индивидуалниот пристап. Конкуренцијата во фармацевтската индустрија е голема. Се соочуваме со локални и регионални конкуренти, моќни мултинационални и генерички конкуренти со големи производни портфолија. Потребни се вложувања во локалниот кадар, во производното портфолио и во публицитетот. Во изминатите 15 години вложивме над 120 милиони евра во производни капацитети, технологија, информатички систем, кадар и знаење, па нормално е нашите производи да се рамо до рамо со светските производители“, вели Мукаетов во интервјуто.

Тој смета дека добрата страна на светската криза е во тоа што помогнала на паметен начин да се однесуваат кон капиталот.

“Иако последиците од ударот се уште се чувствуваат, за оптимално функционирање на Алкалоид не се направени драстични промени, туку внимателен избор во поглед на тоа каде да се насочат парите“, истакнува Мукаетов.

Според него, Caffetin е производ што се случува еднаш во историјата на компанијата, но Алкалоид на годишно ниво вложува 3% од вкупните приходи во научно – истражувачки дејности за да го задржи темпото.

“Фармацијата е главната дејност на Алкалоид, но 78-годишното искуство покажа дека постојаните вложувања и иновации и ширење на производството се битни елементи на проширувањето на уделот на постојните пазари и освојување на нови. Органските чаеви на Алкалоид се сертифицирани од меѓународни институции, како за европскиот така и за пазарите во САД и Јапонија. Од 2005 година произведуваме чаеви за реномирани американски компании како што е Аведа, а пред две години ја почнавме соработката со Arbonn International и Swanson Health products, за која произведуваме чаеви наменети за нивните пазари во САД, Канада, Велика Британија и Пацификот. Градиме и бренд на органски чаеви во Америка под името Good nature“, истакнува Мукаетов.