На барање на бизнис заедницата – на продажба 1.000 државни деловни простории

24

За 100 државни деловни простории лоцирани во 19 градови низ Македонија, утре ќе биде објавен оглас за продажба по пат на електронско јавно наддавање. Објектите се со вкупна површина од 7.253 метри квадратни и почетна проценета вредност од над 300 милиони денари. Со огласот што ќе трае 30 дена, почнува постапката за продажба на вкупно 1.000 деловни простории на државата за чија продажба Владата донесе одлука на барање на бизнис заедницата, јавува Миа.

Најголем дел од деловните државни простории се во Скопје – 22, потоа Кичево 11, Куманово девет, Тетово и Битола осум, Штип седум… Листата на сите простории, точната локација и почетната проценета вредност ќе бидат објавени во огласот и ќе бидат достапни на веб страниците на Владата и на Министерството за транспорт и врски.

Заинтересираните домашни и странски правни субјекти и физички лица треба да достават апликација за учество на јавните наддавања и банкарска гаранција во висина од 2% од проценетата вредност на објектот. Правните субјекти приложуваат доказ за регистрација од Централниот регистар, а физичките лица за државјанство на Република Македонија. По пријавувањето, преку електронскиот систем ќе добијат податоци за денот и часот на одржување на јавната електронска аукција.