Меѓународното училиште Нова, во саботата, 23 април, организираше голем хуманитарен семеен базар, a дел од собраните 4.000 евра ќе бидат наменети за Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид Димитар Влахов во Скопје. Манифестацијата ја посетија стотици луѓе кои имаа можност да вкусат специјалитети од различни земји, да купат книги или ракотворби, да погледнат танцови и музички точки и да се забавуваат во малечка зоолошка градина. На базарот присуствуваше и американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, како и голем број претставници на дипломатскиот кор кои живеат и работат во земјава, личности од бизнис – заедницата, а дел од нив бeа задолжени и за подготовка и продажба на храната од земјата каде потекнуваат.
Семејниот базарот е традиционален настан во училиштето Нова и ова беше негово 10-то, јубилејно издание кое се одржа под мотото „Еднакви можности за сите деца“. Секоја година дел од собраните пари се насочуваат за различна хумана цел и досега средствата биле наменети за Заводот за ментално здравје на деца и младинци Младост, за Домот на доенчиња од Битола и за голем број други институции.
“Покрај забавата, дружењето и интересната програма, базарот има и хуманитарна димензија која е исклучително важна. Во нашето училиште во тек на целата година се организираат добротворни акции во кои се вклучени нашите ученици, но оваа манифестација е со најголеми размери. Дел од средствата овој пат ќе бидат наменети за Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид Димитар Влахов во Скопје и трите училишни дивизии со цел да се набават материјали и алатки кои најмногу им се потребни”, велат од училиштето Нова.
Манифестацијата е организирана од Здружението на родители и наставници при меѓународното училиште, со поддршка од учениците, родителите и професорите во оваа образовна институција.