На директорот што оди со метро на работа му ја намалија платата за 36%

63

Американската инвестициска банка Goldman Sachs ја намали годишната плата на извршниот директор Дејвид Соломон за 10 милиони долари или 36%, како казна заради улогата на банката во еден од најголемите финансиски скандали во светот, во кој учествуваше малезискиот државен инвестициски фонд, познат како 1MDB.

Инвестициската банка Goldman Sachs се согласи да плати казна од скоро три милијарди долари откако се изјасни за виновна за обвиненијата за кршење на законите за борба против корупцијата на САД во скандалот со малезискиот инвестициски фонд.

Платата на Соломон е намалена на 17,5 милиони долари за 2020 година, во однос на 27,5 милиони долари колку што земаше во 2019 година.

Во октомври, банката објави дека Соломон ќе се соочи со намалувања на платите, заедно со другите директори, вклучително и директорот на финансиите Стивен Шер и извршниот директор Џон Валдрон.

“Додека никој од нив не бил вклучен или бил свесен за вмешаноста на фирмата во каква било незаконска активност во времето кога фирмата договорила трансакции со обврзници од 1МDB, Одборот ја смета аферата  со 1МDB како институционален неуспех, соопштија од банката.

Скандалот се однесува на продажба на обврзници што Goldman Sachs ги организираше и потпиша за 1МDB, за кои американското Министерство за правда тврди дека биле украдени 4,5 милијарди долари.

Инаку, Дејвид Соломон кој во октомври 2018 година го презеде кормилото во една од најголемите инвестициски банки, има сосема поинакво однесување како за човек од Wall Street.

Соломон, кој има 58 години, познат е како D – Sol, кој викендите ги поминува како диџеј во ноќни клубови во Њујорк, Мајами, Бахамите. Тој на работа доаѓа со подземна железница, а сам си носи кафе во својата канцеларија.

Фото: Twitter