На Германија и требаат три години за да стане независна од рускиот гас

70

На Германија ќе и требаат три години да организира алтернативно снабдување со гас за да не зависи повеќе од испораките на гас од Русија, изјави извршниот директор на германскиот енергетски гигант Е.ОН.

„Проценивме дека ова ќе бара период од три години“, изјави извршниот директор на E.ON, Леонард Бирнбаум за една германска ТВ станица, одговарајќи на прашањето колку брзо Германија може да стане независна од рускиот гас.

„Без снабдувањето со руски гас, германската економија би претрпела огромна штета, што треба да се избегне доколку тоа е воопшто возможно“, додаде тој, а пренесува Хина.

Тој предупреди и на секундарни ефекти поради недостигот на компоненти и суровини во различни индустрии.

На состанокот на лидерите на Европската унија во петокот не беше договорен заеднички став за минатонеделното барање на Русија „непријателските“ земји да го плаќаат гасот во рубљи.