На македонските аеродроми 17,2% повеќе патници во првото полугодие

2

Во периодот јануари – јули 2014 година на аеродромите во Скопје и Охрид е забележано зголемување на бројот на превезени патници, споредено со истиот период во 2013 година, стои во соопштението што го објави министерството за транспорт и врски.

Во посочениот период од двата аеродроми, Александар Велики во Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид се превезени вкупно 704.563 патници, односно зголемување од 17,2% во однос на истиот период во 2013 година, кога биле превезени вкупно 601.345 патници.

Најголем пораст на бројот на превезени патници во однос на овој период е евидентирано во месец април 2014 година, кога од двата аеродроми се превезени вкупно 107.037 патници, што претставува пораст од 39,6% во однос на истиот месец 2013 година, кога биле превезени 76.653 патници.

На аеродромот Александар Велики во Скопје во периодот јануари – јули се превезени 668.870 патници, односно зголемување од 19,9% во однос на истиот период во 2013 година кога биле превезени 557.836 патници.

Во однос на превезено Карго (стока и пошта) во периодот јануари – јули 2014 од двата аеродроми во Скопје и во Охрид, превезени се 1846.43 тони, односно зголемување од 19,8% во однос на истиот период во 2013 година, кога биле превезени 1540.93 тони.