На Менхетен ќе никне облакодер поставен наопаку

169

Во Америка беше претставен проект, кој сè уште е во рана фаза на развој, но веќе се најде во центарот на вниманието на јавноста и покрај малкуте достапни информации.

Имено, беше објавено дека облакодерот планиран за Њујорк, на западната страна на Менхетен, ќе биде една од највисоките згради на западната хемисфера.

Предвидувањата се дека ќе биде на само блок од мега проектот на Хадсон Јардс и Хај Лајн. Објектот наречен Affirmation Tower ќе има впечатлив конзолен дизајн и ќе се издига до висина од 506 метри.

Рендерите покажуваат дека ќе изгледа како стандардна кула превртена наопаку. Проектот го изработи компанијата Adjaye Associates на ганско-британскиот архитект Сер Дејвид Аџаје.

Облакодерот ќе се состои од низа блокови наредени еден врз друг, создавајќи скалест профил кој изгледа како да се шири додека се крева. Висината ќе биде во однос пет спрема еден во однос на основата, каде секое наредно ниво е повисоко од претходното. Блоковите ќе бидат наредени така што најмалите ќе бидат на дното и како што одат кон врвот ќе стануваат поголеми.

Во облакодерот ќе бидат сместени деловни простории, два хотели, седиштето на NAACP, платформа за набљудување и лизгалиште.Проектот вклучува и многу отворени тераси со зеленило.