На пазарот на автомобили, понудата повеќе не е проблем, туку зголемувањето на каматните стапки

167

Сè повеќе нови автомобили и камиони конечно пристигнуваат кај трговците, и се чини дека проблемите во синџирот на снабдување се зад нас и производителите на автомобили го зголемуваат фабричкото производство. Меѓутоа, сега зголемувањето на каматните стапки и другите економски притисоци почнуваат да го намалуваат расположението на потрошувачите за купување автомобили.

Неколку големи производители на автомобили објавија пад на продажбата во САД во третиот квартал бидејќи нивото на залихите остана под притисок, и покрај одредено подобрување во последните месеци, објави Волстрит журнал.

Џенерал Моторс (ГМ) објави скок од 24 отсто во продажбата во САД во третиот квартал, бидејќи достапноста на нејзините возила се зголеми откако минатата година беа несразмерно погодени од ограничувањата на синџирот на снабдување како резултат на исклучувањата во Азија поврзани со пандемијата Ковид-19. ГМ го надмина јапонскиот производител на автомобили Тојота во САД во истиот квартал, но аналитичарите и инвеститорите се загрижени дека помрачната економска слика ќе доведе до пад на продажбата на автомобили.

ГM соопшти дека продала 555.580 возила, што е за 24 отсто повеќе од минатата година кога недостигот на залихи ја погоди продажбата, додека продажбата на Тојота падна за 7,1 отсто на 526.017 возила во истиот период. ГM ја надмина Tојота за околу 80.000 возила во првите девет месеци од оваа година.

Потсетете се дека во 2021 година, Toјoтa ја надмина ГM во продажба за околу 110.000 возила, а тоа беше прв пат од 1931 година ГM да не ја предводи американската автомобилска индустрија во продажба.

Продажбата на нови возила во САД заврши на 1,11 милиони единици во септември, за годишна стапка на продажба од 13,49 милиони, според податоците на Wards Intelligence.

Досега, недостигот на автомобили поради пречки во снабдувањето ги направи потрошувачите поспремни да издвојат повеќе пари, што секако им беше од корист на производителите на автомобили, но и на трговците на мало кои ги намалуваа своите попусти во последните две години.

Но, аналитичарите сега предупредуваат дека побарувачката би можела да ослаби во наредните квартали бидејќи зголемените каматни стапки ги обесхрабруваат потрошувачите да плаќаат повеќе за автомобили и камиони во наредните месеци.

„Ние сме внимателни оптимисти. Има многу негативно расположение на потрошувачите на пазарот“, рече Ренди Паркер, извршен директор на Hyundai Motor North America, во интервју за Ројтерс, откако автомобилскиот производител објави три отсто зголемување на продажбата на возила.