На самитот на Г20 во Рим светските лидери ќе преземат обврска да го намалат глобалното загревање

15

Лидерите на Г20 претстојниов викенд ќе признаат дека се потребни итни чекори за да се одржи целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, се наведува во нацрт-заедничката изјава во која увид имале британските медиуми.

„Ние сме посветени на справување со егзистенцијалниот предизвик на климатските промени“, се наведува во нацрт-заедничката изјава, што треба да биде усвоена на самитот на Г-20 во Рим утре и задутре.

Тоа е клучен чекор пред поголемата климатска конференција на ОН што следната недела почнува во Шкотска.

„Мора да се преземе итна акција за загревањето до 1,5 степени да биде достижно“, се додава во документот.

Документот е обид на државите, кои заедно се одговорни за повеќе од 75 отсто од емисиите на штетни гасови, да претставуваат обединет фронт пред да им се придружат на другите делегации на Светската климатска конференција COP26 во Глазгов.

Иако нацрт-документот покажува дека постои согласност дека растот на температурата треба да се одржи во рамките на 1,5 степени во однос на прединдустрискиот период, што е цел во голема мера во согласност со Парискиот договор од 2015 година, некои детали сè уште се отворени за дебата, пишува ДПА.

Еколошките активисти кои имаа увид во нацрт-документот велат дека се разочарани што Г-20 требаше да ја искористи шансата и посилно да ја алармираа јавноста за опасностите со кои се соочува светот.