На што најчесто се жалат потрошувачите кога купуваат онлајн?

32

Фото: Pixabay

Со зголемениот обем на онлајн купување, се појавуваат и голем број поплаки кои се поврзани со овој облик на набавка на добра. Организацијата на потрошувачи на Македонија, секојдневно ги советува граѓаните каде треба да се обратат при несакани ситуации и кој е одговорен за проблемот кој им се јавил, стои во Магазинот за потрошувачи на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ).

Како најчести пријавени случаи ОПМ ги наведува:

  • Испорака на производи со различни карактеристики од нарачаните;
  • Испорака на комплетно различен производ;
  • Испорака на оштетен производ;
  • Пристигнат производ со испратница без фискална сметка;
  • Внесени информации кои понатаму се користени за други цели и
  • Задоцнета испорака на производот.

При појава на некој од горенаведените ситуации, потрошувачот во најкраток можен рок да го исконтактира веб-сајтот од кој ги набавил производите со негово образложение за настанатиот проблем и прилог со докази во форма на слики, испратници, сметки, мејлови. Доколку продавницата не ја признава штетата и не сака да преземе одговорност, потрошувачот треба да го исконтактира надлежниот орган, во овој случај тоа ќе биде Државниот пазарен инспекторат. Потребно е да се пополни формуларот издаден од Министерство за економија со прилогот од докази и уредно да се достави до Пазарниот инспекторат кој има обврска во рок од 15 денови да одговори на жалбата.

Сајтот од кој сте ги набавиле посакуваните производи е должен да ги покрие трошоците за достава доколку грешката е направена од нивна страна. Доколку пак потрошувачот се одлучи да го искористи правото за враќање на производ во рок од 14 дена, тогаш трошокот за пренос паѓа на негова сметка.