На што најмногу “трошиме“ интернет

57

Ставање на лично креирана содржина (текст, слики, музика, видеа, софтвери и слично) на интернет страници за да бидат споделени зафаќа 70,4% од активностите што ги имале корисниците на интернет во последните три месеци, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Потоа, 70,1% од корисниците го користеле интернетот за инстант пораки, односно размена на пораки преку Skype, Messenger, WhatsApp, Viber и слично. На трето место со 68,4% учествуваат активности поврзани со учество во социјални мрежи (креирање кориснички профил, испраќање пораки или други прилози на Facebook, Twitter и слично).

Меѓу 10-те активности што Македонците најмногу ги прават на интернет се и: телефонирање преку интернет или видео повици (64,9%), читање онлајн вести (54,1%), наоѓање информации за производи или услуги (53,6%), примање и праќање електронска пошта (47,2%), барање информации поврзани со здравје – повреда, болест, исхрана, подобрување на здравје и слично (45,1%), интернет банкарство (14,8%) и продажба на производи или услуги, на пример преку аукции како eBay (4,7%).

Во однос на тоа што најчесто се нарачувало преку интернет во последните 12 месеци, најголем процент – 35,8% има кај облека и спортска опрема. Потоа, следуваат производи за домаќинство со 10,5% и електронска опрема со 10,4%.

Според земјата од каде што доаѓа продавачот, најголем дел од нарачките се реализирани од земјава со 38,8%, продавачи од другиот дел на светот со 20% и продавачи од земјите на ЕУ со 11,5%.

Фото: Pexels