На секои десет мали и средни претпријатија (МСП) во Србија, шест тврдат дека не земаат кредити од банките, а ако веќе подигнат кредит, тогаш парите ги користат за тековно работење. Во проширување на бизнисот се впуштаат околу 5% МСП, што на подолг рок не е доволно за државата, пишува Блиц.
“Бизнис заедницата на претприемачи и МСП сочинува околу 90% од сите стопански субјекти во Србија. Овој сектор вработува околу 70% од вкупниот број вработени и придонесува со 60% во бруто домапниот производ. Меѓутоа, додека претприемништвото во Европската унија се поттикнува на сите начини, кај нас достапноста до кредити е многу лоша, придонесите за вработените се неиздржливо високи, администрирањето огромно и непотребно”, оценува Милан Кнежевиќ, потпретседалет на Здружението на микро и мали претпријатија.
Економистите и понатаму сметаат дека малите и средни претпријатија се развојна шанса за Србија, и покрај фактот дека многу работи не се во рамките на плановите и проекциите. Своевремено, усвоената развојна стратегија предвиде дека во Србија годишно би требало да се отвораат 10.000 мали и средни претпријатија повеќе отколку што се затвораат, за да може за четири години да има 150.000 активни МСП кои би вработувале близу два милиони граѓани.
Во Србија сега на 25 жители, еден вработен работи во производство, а таков просек имаат африканските земји Боцвана, Бурунди, Намибија. Унијата на работодавачи (УПС) и синдикатот Независност излегоа пред јавноста со документ со кој на владата и предлагаат мерки за излез од кризата.
“Пред се, неопходно е воведување на ред во системот на плаќање, а на прво место локалните самоуправи и делови од јавниот сектор, значи државата, да ги исплатат сите долгови кон приватниот сектор. Потоа, неопходна е реформа на ПИО фондот, даночниот систем, потребно е укинување на линеарното оданочување на заработката, да се овозможат пониски каматни стапки, намалување на административните процедури и бирократија”, вели Драгољуб Рајиќ од УПС.