На зборување на телефон лани сме потрошиле 316 минути

137

Во Македонија околу 92% од лицата меѓу 15 и 24 години, користеле мобилен телефон, а лани се најде на третото место, по Турција и Бугарија по остварен мобилен сообраќај со 316 минути месечно во просек.

Темата за влез на нов мрежен мобилен оператор, според анализата на Институтот за развој на електронски комуникации Инреком, е актуелна повеќе од една деценија во Македонија, а истата е актуелизирана со фузијата на вториот и третиот оператор. Дополнително, со спојувањето на One и Vip, граѓаните немаат многу избор при бирањето на давател на мобилни услуги. Според бројките за 2018 година кои ги објави Владата, најголемиот дел од “колачот“ го земаат Телеком и А1 (по 49% од корисниците), додека пак виртуелниот Lycamobile – само 2%.

Во анализата на Министерството за информатичко општество и администрација и Владата не е опфатен вториот виртуелен оператор Телекабел, бидејќи започна со работа во јануари годинава.

Пред десетина години, интерес покажа и турски Turkcell кога даде понуда за купување на Cosmofone, пред да се преименува во One. Минатата година пак, бугарски Vivacom покажа интерес за купување на Македонски Телеком. Ова значи дека и покрај малиот македонски телекомуникациски пазар, сепак постои интерес за влез на нов играч. Од земјите во регионот, Словенија е речиси иста со Македонија и по население и по територија, но располага со четири мрежни мобилни оператори, за разлика од нашите два.

Фото: Pixabay